Владините мерки ги дадоа очекуваните резултати, велат од Економија
Конкретните владини мерки и посебно намалувањето на маржите на производите ги дадоа очекуваните резултати, велат од Министерството за економија. За месец април, инфлацијата на нула, споредбено со лани зголемена само за 2,6 насто. Продолжуваат и вонредните инспекциски контроли.

Ќе се воведат поригорозни мерки ако Државниот пазарен инспекторат утврди енормно зголемување на цените на храната по укинувањето на мерките, најави министерот за економија, Бесар Дурмиши. Според него, мерките во изминатиот период дале резултат, но и намалување на инфлацијата.
Ограничувањето на маржите на храната и хигиенските производи придонело економијата да е постабилна, додава министерот. Што се однесува до поскапувањето на дел од производите деновиве, Дурмиши вели дека тоа било поради светските берзи.
Откако заврши мерката за ограничување на бруто-профитните маржи на основните производи, граѓаните реагираа дека поскапеле месото, млекото и млечните производи, а најмногу кафето. Од Владата велат дека нема да дозволат да има трикови кај дел од трговците, а Пазарен постојано врши контроли.
Според Државната статистика, трошоците на животот во април годинава пораснале за 2,6% во однос на април лани, додека цените на мало се зголемени за 2,7%.
Борис Грујоски
