Индија - Пакистан

Продолжуваат судирите на индиско-пакистанската граница

08.05.2025 16:52

Продолжуваат судирите на границата меѓу Индија и Пакистан. Од Исламабад тврдат дека ликвидирале 40-50 индиски војници во спорниот регион Кашмир контролиран од двете страни. Индиските власти евакуираа цивили од десетици села во близина на милитаризираната линија на контрола. Вашингтон, Москва, Пекинг, Брисел со осуда за нападите...

Продолжуваат судирите на индиско-пакистанската граница. Од Исламабад тврдат дека ликвидирале 40-50 индиски војници во спорниот регион Кашмир контролиран од двете страни. Новата ескалација следува откако Индија изврши напади врз, како што тврди, терористички цели во соседната земја.

„Не само што убивме 40 до 50 индиски војници на линијата на контрола, туку го дигнавме во воздух и нивниот штаб на бригадата. Големо достигнување е во конвенционалното војување кога ќе дигнете во воздух цела бригада. Во конвенционалната војна, ова е голема победа“, изјави Атаула Тарар, министер за информации на Пакистан.

Индиските власти евакуираа цивили од десетици села во близина на милитаризираната линија на контрола. Индија тврди дека Пакистан се обидел да уништи воени цели на северот и западот во текот на ноќта, а војската возвратила со напади врз системите за воздушна одбрана и радари на голем број локации во Пакистан.

„Немаме намера да ја ескалираме ситуацијата. Сепак, доколку има воени напади врз нас, не треба да има сомнение дека на тоа треба да се одговори со цврст одговор“, изјави Субрахманјам Џајшанкар, министер за надворешни работи на Индија.

Пакистан накратко ги суспендираше сите летови на аеродромите во Исламабад, Карачи, Лахор и Сиалкот поради оперативни причини.

„Заминував за Дубаи од Карачи и ми беше кажано дека летот е откажан. Властите ми кажаа дека ќе ме контактираат по пет до шест дена доколку летовите се обноват. Засега, летовите се запрени‘, рече еден патник.

Вашингтон, Москва, Пекинг, Брисел со осуда за нападите, бараат разумот да надвладее.

„Многу е загрижувачки што се случува таму. Јасно е дека оваа војна не е добра за никого, па затоа се обидуваме да посредуваме и да ги намалиме тензиите. Секако, го осудувам тероризмот во која било форма, тоа е исто така многу јасно, но треба да видиме како можеме да ги намалиме тензиите“, изјави Каја Калас, шеф за надворешна и безбедносна политика на ЕУ.

Индија почна воздушни напади врз Пакистан како одговор на минатомесечниот напад во кој загинаа 26 лица. Тензиите меѓу двата соседа траат со децении.

Маријана Димовска