Политика

Има ли простор за владина коалициска криза или нови коалицирања?

08.05.2025 15:45

Владината коалиција е осудена на неуспех и прашање на време е кога ќе се распадне, вели лидерот на СДСМ, Венко Филипче во пресрет на локалните избори, по бранувањата во владините редови и превирањата во коалицијата ВРЕДИ. Чудно е човекот на кого партијата му е веќе распадната да кажува дека владината коалиција не функционира и е на распаѓање-му одговори ВМРО-ДПМНЕ на лидерот на СДСМ...

Прашање на време, ако не денови или часови кога владината коалиција ќе се распадне – вака лидерот на СДСМ Венко Филипче ги коментира последните случувања поврзани со Алијансата на Албанците.

Чудно е човекот на кого партијата му е веќе распадната да кажува дека владината коалиција не функционира и е на распаѓање-му одговори ВМРО-ДПМНЕ на лидерот на СДСМ.

Првиот човек на ЗНАМ, Димитриевски на претседателот на СДСМ му порача, тој да внимава да не му се распадне партијата и зградата во која веќе нема луѓе. Димитриевски уверува – Владата никогаш не била постабилна, а ЗНАМ на локалните, ќе учествува со свои кандидати за градоначалници и советници. Отворени се за соработка со коалиционите партнери ВРЕДИ, но не и со Таравари.

Алијансата на Албанците имаше значајна улога во коалицијата ВРЕДИ-вели лидерот на ВРЕДИ Касами. Ваквата променета реторика следи по острите критики за својот поранешен коалиционен партнер Таравари кој со одлуката за самостоен настап на локалните избори, и комуникација со првиот човек на ДУИ, го најави курсот на неговото идно политичко делување.

Подотворена врата и можност за ретерирање на Алијансата најави вицепремиерот Фетаи. Тој изрази надеж дека партијата ќе остане верна на својот пат, и дека со заедничка волја, може да ја најдеме формулата за ослободување на секоја албанска општина од лошото владеење на ДУИ.

Власта и опозицијата најавуваат дека следната недела ќе заседаваат партиските тела, по што ќе ги објават имињата на кандидатите за градоначалници и општински советници.

 

Марина Стојанова Тонева