„Храна за душа“ - мото на годинашното издание на Саемот за книга
„Храна за душа“-ова е мотото на годинашното издание на Саемот за книга, кој се отвора денеска и ќе трае до 14-ти мај.Посетителите на Саемот ќе добијат можност да се запознаат со македонски и странски автори, да ја разгледаат богатата понуда на книги, енциклопедии, збирки и прирачници, како и да слушнат нешто повеќе за актуелната состојба на пишаниот збор преку панел-дискусиите со значајни имиња од оваа област. Годинава национално претставување има и Србија преку нивното Министерство за култура...

Саемот на книга ги отвори вратите за љубителите на пишаниот збор, гладните за духовна храна, бидејќи како што му е потребна храна на телото, така му се потребни и здрави мисли на духот, па не случајно слоганот е „Храна за душа“. Мирис на штотуку отпечатени книги, белетристика, литература за деца, стручна литература, прирачници, збирки може да се најдат на штандовите на издавачите. Со личен пример да им укажеме на најмладите за значењето на книгата, порача претседателката Гордана Силјановска Давкова, која очекува што поскоро да се изгради Саем за одржување на овој културен настан со долга традиција.
Со книгите учиме од туѓите искуства, полесно расудуваме и донесуваме заклучоци. Книгите не нè учат што треба да мислиме, туку како да мислиме истакна министерот на култура Љутков. На саемот на книга штанд има и Министерството за култура на Србија, чиј министер се обрати на македонски јазик.
Во време кога се поскапува се чини само книгите се евтини иако имаат трајна вредност. Саемот е можност да се купат книги на попуст и до 70 отсто. Па деновиве откажете се од кафе во некое од скопските кафулиња и почестете се со книга, цената е скоро иста.
Од првиот ден саемот има голема посетеност особено од најмладите, кои често знаат да им робуваат на придобивките на современата технолигија. Некои од нив велат, читаат за бегство од реалноста.
65 изложувачи, преку 100 промоции, цената на билетите е 100 денари за групни посети на ученици 50 денари, а за деца до 12 години во придружба со родител бесплатен. За три посети 250 денари. Саемот ќе биде отворен секој ден од 10 до 20 часот до 14-ти. Се очекуваат околу 30.000 посетители.
Александра Велинова
