Ревизија

Современа медицинска опрема вредна 18,6 милиони евра скапува неискористена

08.05.2025 16:32

Во јавното здравство скапува неискористена современа опрема вредна 18,6 милиони евра, старата не се фрла, а некоја е и радиоактивна, вели Државниот завод за ревизија…

Современа медицинска опрема во вредност од 18,6 милиони евра не е ставена во функција или само делумно се користи поради недостиг на стручен кадар и несоодветни простории – покажа најновиот извештај на Државниот завод за ревизија.

Четири акцелератори не се во функција за најтешко болните кои имаат потреба од зрачна терапија, иако се набавени за штипската и битолската болница, „8 Септември“ и за Клиниката за радиотерапија и онкологија. За оваа терапија, пациентите од другите градови доаѓаат во Скопје.

„Централизацијата на услугата доведува до преоптовареност на установа и персоналот, што може да влијае на континуитетот и квалитетот на третманот на пациентите“, велат од Државниот завод за ревизија.

Директорот на Фондот за здравство вели, набавките биле неплански. Клековски го посочи примерот со акцелераторот во Штип, набавен без изграден бункер, па стои во царинските складишта.

„Тоа што се обидуваме сега да го направиме како промена е да постои потреба за набавка, исплатливост на наведената потреба, каде ќе биде сместен и кој ќе работи со тие апарати. На пример акцелераторот во Битола може да биде ставен во употреба и се работи на тоа, акцелераторот во „8 Септември“ се работи на ставање во функција, на Клиниката за радиологија е ставен во употреба“, изјави Сашо Клековски – директор на Фондот за здравство.

И дел од ангиографите и апаратите за компјутерска томографија стојат неупотребени или расипани. Поради кадровски и технички проблеми, новиот апарат за компјутерска томографија не се користи во болниците во Тетово и во Кочани.

Ревизорите утврдиле и лоша евиденција на здравствените услуги, нефункционален систем за закажување и отсуство на листи на чекање.

И ПЕТ-центарот кој е единствен во државата за дијагностика за рано откривање на малигни заболувања, работи само со еден уред, месечно во просек се врши снимање на 180 пациенти.

Андријана Ѓурческа