Ватикан

Бел чад над Ватикан, избран е новиот папа

08.05.2025 20:01

Бел чад е знакот дека кардиналите го одредија новиот поглавар на римокатоличката црква. е новиот папа кој ќе ги води 1,4 милијарди католици. Верниците на плоштадот „Св. Петар“ го слушнаа благословот на понтифот...

Од оџакот на Систинската капела излезе бел чад. Ѕвоната одекнаа, толпата народ ја поздрави веста за избор на новиот папа-Лео14.

„Мир со сите вас. Драги браќа и сестри, ова е првиот поздрав на воскреснатиот Христос, добриот пастир кој го даде својот живот за божјото стадо. И јас би сакал овој поздрав на мирот да влезе во вашите срца за да стигне до вашите семејства до сите луѓе насекаде на целата земја: мир со вас“, рече папа Лео 14.

Американецот Роберт Франсис Превост е новиот папа Лео четиринаесетти, наследник на папата Франциск кој почина на 21 април. По три неуспешни обиди, на вториот ден од гласањето, неговата светост успеа да обезбеди двотретинско мнозинство на гласови.

Американскиот претседател Доналд Трамп му честиташе на новиот папа Лео 14 за изборот за нов поглавар на католичката црква, наведувајќи дека е „голема чест“ што тој е првиот американски папа.

На плоштадот „Свети Петар“ илјадници верници со солзи радосници го дочекаа изборот на 267-миот понтиф.

„Ова е возбудлив момент, не го очекував и на овој сончев ден чувствувам голема енергија на овој плоштад. Се надевам дека тој ќе биде големиот наследник на папата Франциск“, изјави присутен.

„Невообичаено е, јас сум од Ферара (во Италија), заминав утрово и не очекував избори толку брзо, но речиси почувствував (дека тоа може да се случи). Заедно со мојот пријател свештеник дојдовме да го доживееме овој историски момент, да почувствуваме дека повторно имаме пастир кој нè придружува и нè води.“

„Се чувствувам среќен затоа што сме на патување и беше случајност што сме тука денес и денес можевме да го доживееме овој историски момент и за ова, (се чувствувам) среќен.“

Многумина сметаа дека станува збор за најголемата и најнепредвидлива конклава што досега се одржала. Сепак изборот се случи релативно брзо. Најдолгата конклава беше за избор на папата Јован 23, која траеше четири дена.

 

Ана Јосифоска