Папата Лав 14 ја почнува службата, денес ќе ја одржи првата голема миса
Во недела, 267-миот папа повторно ќе се претстави пред јавноста на плоштадот Свети Петар – за време на неговата прва пладневна молитва на централниот балкон на истоимената базилика. Честитки за изборот на новиот поглавар пристигаат од сите страни.

Новоизбраниот лидер на Католичката црква ја почнува службата. Папа Лав 14 денеска ќе ја одржи првата голема миса како понтиф на Католичката црква во Сикстинската капела. Во недела, 267-миот папа повторно ќе се претстави пред јавноста на плоштадот Свети Петар – за време на неговата прва пладневна молитва на централниот балкон на истоимената базилика. Честитки за изборот на новиот поглавар пристигаат од сите страни.
„За нашата земја е голема чест да имаме американски папа. Мислам, каква поголема чест може да имаме. Бевме изненадени и многу среќни“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.
„Мојата влада со нетрпение очекува да продолжи силната врска на Австралија со Светата столица за време на понтификатот на папата Лав XIV. Ова е момент кој ќе им донесе радост и надеж на католиците насекаде. Нека папството на папата Лав ја унапреди каузата за мир и социјална правда за целото човештво“, рече Ентони Албанезе, премиер на Австралија.
„Се надевам дека неговиот мандат на тронот на апостол Петар ќе биде долг и дека ќе отвориме нова страница, нова ера во нашите билатерални односи и, повторувам, во односите меѓу Истокот и Западот, за доброто на човештвото“, изјави вселенскиот патријарх Вартоломеј I.
Лав 14 е првиот американски лидер на Католичката црква и има долгогодишно искуство на лидерски улоги во црквата. 69-годишниот кардинал е роден во Чикаго и поминал многу години како мисионер во Перу. Се смета дека многу близок до визијата на папата Франциск за заштита на животната средина, помошта кон сиромашните и мигрантите.
„Мислев дека ќе биде Европеец или можеби некој друг, но ова е одлична вест“, вели жител на Њујорк.
„Навистина сум возбуден за ова, ова е одлична можност за Чикаго да му покаже на католичкиот и на целиот свет дека можеме да бидеме толку големи лидери. И неговата порака, неговите први зборови до луѓето „мир со вас“ навистина одразуваат каде црквата треба да го насочи целиот свој фокус – кон мирот“, изјави жител на Милвоки, Висконсин.
„Тие избраа навистина добар човек кој го сака Бога и сака да го прави она што е исправно, и тоа е она што е важно“, смета жител на Остин, Тексас.
Новиот понтиф е назначен во услови на длабоки внатрешни поделби во католичката црква, глобални конфликти и климатска криза. Се очекува новиот папа уште во првите денови да го покаже правецот на својот понтификат преку јасна визија, дипломатски ангажман и најави за реформи.
Маријана Димовска
