МОБ

Почнуваат Мајските оперски вечери

09.05.2025 09:36

МОВ почнуваат со „Риголето“ од Верди, кое преку силна музичка и сценска интерпретација ги комбинира темите како љубов, моќ и одмазда. Диригент е Џанлука Мартиненги, режисер Пјер Франческо Маестрини (двајцата од Италија), сценограф – Гилермо Нова од Шпанија, костимограф Кристина Ачети, исто така од Италија, а кореографијата е на нашата Саша Евтимова.

Со премиерна изведба на операта „Риголето“ од Џузепе Верди, вечер, во 20:00 часот, во Националната опера и балет ќе бидат отворени 53. „Мајски оперски вечери“, еден од најзначајните културни настани во земјава. Годинешното издание ќе трае до 31 мај.

„И оваа година подготвивме програма што, верувам, ќе ги задоволи и највисоките уметнички критериуми. Мајските оперски вечери 2025 година ветуваат богато уметничко доживување, обединувајќи ги традицијата и иновацијата, домашното и меѓународното творештво“, вели во официјалното обраќање до јавноста директорот на Националната опера и балет (НОБ), Оливер Арсовски.

МОВ почнуваат со „Риголето“ од Верди, кое преку силна музичка и сценска интерпретација ги комбинира темите како љубов, моќ и одмазда. Диригент е Џанлука Мартиненги, режисер Пјер Франческо Маестрини (двајцата од Италија), сценограф – Гилермо Нова од Шпанија, костимограф Кристина Ачети, исто така од Италија, а кореографијата е на нашата Саша Евтимова. Хор-мајстори се Јасмина Ѓорѓеска и Ѓурѓица Дашиќ. Со хорот и оркестарот на Национална опера и балет настапуваат солистите Леон Ким како Риголето, Марио Баг како Војводата од Мантова (двајцата од Јужна Кореја), потоа нашите Ана Дурловски како Гилда и Игор Дурловски како Спарафучиле, а во другите улоги: Николина Јаневска, Владимир Саздовски, Драган Ампов, Јане Дунимаглоски, Александра Лазаровска-Василевски, Диме Петров, Марика Поповиќ и Десанка Глигоријевиќ.

Операта во три чина, „Риголето“, е трагична сторија чие дејство се врти околу женкарот – Војводата од Мантова, неговиот грбав дворски шут Риголето и ќерката на Риголето, Гилда. Оригиналниот наслов на операта „La maledizione“ (Клетва) се однесува на клетвата фрлена врз Војводата и Риголето од дворјанин чија ќерка била заведена од Војводата, со помош од Риголето. Клетвата се остварува кога се вљубува Гилда во Војводата и си го жртвува животот за да го спаси од убиецот најмен од татко ѝ.

На 15 мај, публиката во НОБ ќе може да ужива во безвременската убавина на балетот „Лебедово езеро“ од Петар Илич Чајковски, дело што, преку грациозноста на движењата и мајсторската музика, ја раскажува приказната за љубовта и судбината. Диригент е Едуард Амбарцумјан од Ерменија, а кореограф Виктор Јаременко од Украина.

На 19 мај МОВ продолжуваат со операта на Верди, „Набуко“, позната по хорот „Va, pensiero“ – химна на слободата и силата на духот. Диригент е Мирон Михаилидис од Грција, режисер е Ренато Бонајуто од Италија, а во улогата на Набуко настапува Луис Кансино од Шпанија.