Новиот папа Лав 14 на прва служба во Ватикан
„Да живее папата“, извикуваат католиците по изборот на Американецот Роберт Франсис Превост за поглавар на Римокатоличката црква. Честитки до папата Лав 14 пристигнуваат од сите страни на светот, но новиот понтиф пред себе има тешка задача зашто стапи на функција во еден од најсложените моменти за црквата и светот...

Новоизбраниот понтиф на Римокатоличката црква, папата Лав 14 ја одржа првата миса во Сикстинската капела во Ватикан. По добивањето на довербата од Колеџот на кардиналите денеска папата и официјално ја почна службата во светата столица. В недела 267-миот папа повторно ќе се претстави пред јавноста на плоштадот Свети Петар– на неговата прва пладневна молитва на централниот балкон на базиликата. Светските лидери со честитки за назначувањето на папата лав 14-ти.
„За нашата земја е голема чест да имаме американски папа. Мислам, каква поголема чест може да имаме. Бевме изненадени и многу среќни“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.
„Мојата влада со нетрпение очекува да продолжи силната врска на Австралија со светиот престол за време на понтификатот на папата Лав XIV. Ова е момент кој ќе им донесе радост и надеж на католиците насекаде. Нека папството на папата лав ја унапреди каузата за мир и социјална правда за целото човештво“, изјави Ентони Албанезе, премиер на Австралија.
„Се надевам дека неговиот мандат на тронот на апостол Петар ќе биде долг и дека ќе отвориме нова страница, нова ера во нашите билатерални односи и, повторувам, во односите меѓу истокот и западот, за доброто на човештвото“, изјави изјави вселенскиот патријарх Вартоломеј I.
69-годишниот Роберт Превост, роден во Чикаго е првиот папа со американско потекло во историјата на Римокатоличката црква. Пред преземањето на моќната служба на епископи во Ватикан бил мисионер кој служел во Перу. Верниците изненадени, но и воодушевени од изборот на Лав 14-ти.
„Мислев дека ќе биде европеец или можеби некој друг, но ова е одлична вест“, изјави жител на Њујорк.
„Навистина сум возбуден за ова, ова е одлична можност за Чикаго да му покаже на католичкиот и на целиот свет дека можеме да бидеме толку големи лидери. И неговата порака, неговите први зборови до луѓето „мир со вас“ навистина одразуваат каде црквата треба да го насочи целиот свој фокус – кон мирот“, изјави жител на Милвоки, Висконсин.
„Тие избраа навистина добар човек кој го сака бога и сака да го прави она што е исправно, и тоа е она што е важно“, изјави жител на Остин, Тексас.
Првиот понтиф е назначен во услови на длабоки внатрешни поделби во Римокатоличката црква, глобални конфликти и климатска криза. Се очекува новиот папа уште во првите денови да го покаже правецот на својот понтификат преку јасна визија, дипломатски ангажман и најави за реформи.
Маја Стојанова
