Прослави во Брисел, парада во Москва
Со голема парада на Црвениот плоштад во Москва, Русија го одбележа Денот на победата. Во Брисел се слави Денот на Европа. Војната во Украина во фокусот на случувањата на стариот континент...

Во сенка на војната во Украина, со паради и церемонии, одбележан Денот на победата во Европа. Осумдесет години по завршувањето на Втората светска војна, светот исправен пред низа безбедносни и економски предизвици. Пропаѓаат старите, се формираат нови сојузи. На Црвениот плоштад презентирано ново моќно оружје, а за првпат учество во парадата зедоа и војници од пријателски земји на Русија.
„Русија била и ќе биде непроодна бариера за нацизмот, русофобијата, антисемитизмот и ќе се спротивстави на злосторствата извршени од поддржувачите на овие агресивни, деструктивни идеи. Вистината и праведноста се на наша страна. Целата наша земја, општество, народ ги поддржува учесниците во специјалната воена операција во Украина. Горди сме на нивната храброст и решителност, на моќта на духот, кој секогаш ни носеше само победа“, изјави Владимир Путин, претседател на Русија.
Европејците денеска покрај Денот на победата, одбележуваат и 75 години од Шумановата декларација, која ги постави темелите на денешната Европска Унија. Симболично, во Осло безбедносен самит на Велика Британија, Балтичките и Скандинавските земји, во Брисел состаноци на кои европските челници ја потенцираа важноста од праведен мир во Украина.
„Мора да ја доведеме Украина во позиција на сила. Ова вклучува поголема економска, воена и политичка поддршка и да се осигураме дека ќе имаме траен и одржлив мир“, изјави Урсула Фон Дер Лајен, претседателка на Европската комисија.
„Ја повикуваме Русија сега, конечно, да тргне по патот кон вистински мировни преговори. Доколку ова не се случи, нема да се двоумиме дополнително да го зголемиме притисокот со санкции, заедно со нашите европски партнери и Соединетите Американски Држави“, изјави Фридрих Мерц, канцелар на Германија.
И украинскиот претседател повика на итно 30-дневно примирје и обвини дека Кремљ ја користи парадата како пропаганда.
„Украина е подготвена за целосен прекин на огнот веднаш, почнувајќи од овој момент, за 30 дена тишина. Вистински прекин на огнот. Без ракетни или напади со беспилотни летала, без стотици напади на фронтот“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.
Во знак на поддршка за Киев, министрите за надворешни работи на ЕУ на средба во украинскиот град Лавов. Украина и партнерите со одлука за создавање на специјален трибунал за руските злосторства.
Маријана Димовска
