Уапсен убиецот на 25-годишниот странски државјанин и четворица помагачи, сите турски државјани
25-годишник убиен, петмина уапсени за пукањето во штипското кафуле. Сметките ги расчистувале турски државјани...

Убиено е 25-годишно момче од Турција. Настанот се случи вчеравечер во кафуле во центарот на Штип. Осомничениот за убиство и четворица кои му помагале во бегството се фатени и приведени. Сите се државјани на Турција. Граѓаните вознемирени од настанот, бараат поголемо присуство на полицијата низ улиците на Штип.
Крвав инцидент синоќа се случи во Штип. Убиено е 25 годишно момче, турски државјанин. Настанот се случил нешто по 21 часот во кафуле во центарот на градот.
Лицето кое пукало, исто така турски државјанин, побегнал од местото на настанот. Повредениот бил однесен во болницата во Штип со неколку прострелни рани и без знаци на живот. Лекарите се обиделе да го реанимираат, но безуспешно.
Во координирана акција на СВР Штип, СВР Скопје и сообраќајната полиција, кај наплатната рампа Миладиновци фатени и лишени од слобода се убиецот и четворица кои му помагале во бегството
Жртвата е на возраст од 25 години, осомничениот за убиство е 21-годишен, четворицата кои му помагале се на возраст од 22 до 29 години. Сите се државјани на Турција.
Славица Величковска
