Македонија

Струмица: Ученици презентираа вештини како се работи во земјоделството

10.05.2025 12:49

Има млади кои сакаат да останат на нива и да го продолжат семејниот земјоделски бизнис, но треба мотивација. Ова е пораката од Струмица каде средношколците од земјоделските струки во земјава на Државен натпревар презентираа како се одгледува и заштитува земјоделското производство …

Антонио Атанасовски пред комисија го презентираше начинот како ќе го заштити производството на домати од гниење и инсектициди предизвикано од климатски промени. Тој е ученик во земјоделската струка во Струмица и сака да го продолжи семејниот бизнис-одгледувањето зеленчук во родното село Куклиш.

На другата страна младиот Џопковски од Берово во импровизирана леа презентираше органски начин на одгледување пиперки. И тој иднината го гледа во македонскиот аграр.

Овие млади треба да се мотивираат за да останат на македонските ниви, кажа Игор Николов од здружението „Тера Фитон Анимал“.

Во Струмица се одржа 53. Државен тракторски натпревар. Учествуваа ученици од земјоделско ветеринарните струки од десет средни училишта од земјава кои ги покажуваа своите вештини како се работи во земјоделството.

Ване Трајков