Акција за отстранување цврст отпад од дното на Охридското езеро
Нуркачи од земјава и странство денеска ја спроведоа подводната еколошката акција „Охрид еко 2025“, чија цел беше отстранување на цврст отпад од дното на Охридското езеро. По расчистувањето најразновидни видови отпад од езерото нуркачите упатија апел за подигање на еколошката свест во нашата земја...

Стотина нуркачи од Охрид, други македонски градови и од регионот, денеска во организација на нуркачкиот центар „Амфора“ на неколку локации долж езерскиот брег спроведоа акција за отстранување цврст отпад од дното на Охридското езеро. Покрај расчистувањето на штетниот цврст отпад акцијата имаше цел да ја подигне еколошката свест кај граѓаните.
„Оваа акција се фокусира на повеќе локации на Охридското езеро, почнувајќи од вливот на реката Черава во Љубаништа па се до Калишта во Струга. Најмногу наоѓаме отпад во форма на пластика, стакло, лименки, автомобилски гуми, градежен шут кој се таложи на дното на охридското езеро низ годините“, изјави Јован Секулоски од нуркачки центар „Амфора“.
Во еколошката акција беа вклучени и нуркачи од Србија, Црна Гора, Хрватска и Босна и Херцеговина.
„Ова ни е четврти или петти пат што учествуваме во еколошки акции во Охрид. Охридското езеро е прекрасно и нема толку многу отпад колку што би требало да се очекува со оглед на бројот на туристите кои го посетуваат градот“, изјави Сафет Караџиќ – нуркач од Босна и Херцеговина.
„Учествуваме во оваа еколошка акција со цел да размениме искуства со пријателите од Охрид, за и кај нас да ја прошириме љубовта кон овој спорт, а воедно да придонесеме за еколошката заштита во нашата земја“, изјави Адван Акељиќ – кантонален министер за земјоделство, водостопанство, шумарство на средна Босна.
Акциите на нуркачите покажуваат дека еколошката свест кај дел од граѓаните на Охрид, но и кај дел од туристите е сè уште ниска, бидејќи езерото кое е под заштита на УНЕСКО го третираат како депонија.
Сашо Нелоски
