Убиство во Штип

Петмина под истрага за убиството во Штип

10.05.2025 14:18

Пет лица се осомничени за убиството кое се случи во центарот на Штип, сите се турски државјани. Извршителот на убиството немал дозвола за престој во државата, а исто така и еден од помагачите. Пиштолот бил купен во Скопје на почетокот на месецов за 1.100 евра...

Од Скопје купил пиштол на црно, па отишол во Штип да го убие сонародникот со кого имал нерасчистени сметки. Обвинителството отвори истрага за Турчинот кој на 8-ми мај во кафуле пред очевидци застрела човек.

Ќе одговараат и четворицата коишто се обидоа да му помогнат да избега.

„Постои основано сомнение дека првоосомничениот 21-годишник, на почетокот на месецов во Скопје, од непознато лице за сума од 1.100 евра купил пиштол со калибар од 9 мм, со избришани податоци за модел и сериски број. Потоа со тој пиштол, на 8-ми мај во вечерните часови, во кафе-бар во Штип, со умисла и од безобѕирна одмазда лишил од живот едно лице, исто така турски државјанин со престој во Штип“, се вели во соопштението од Јавното обвинителство Штип.

Убиецот и жртвата по телефон се договориле да се состанат во кафулето со цел да ги надминат долготрајните несогласувања. Првичната истрага покажала дека осомничениот по 15-ина минути влегол во тоалетот, но набрзо излегол со пиштолот в рака и испукал неколку куршуми кон жртвата.

„Истата вечер, останатите четворица осомничени – тројца мажи и една жена, сите на возраст од 22 до 28 години, му помогнале на сторителот по извршеното кривично дело за кое е запретана казна доживотен затвор. На точно неутврдена локација во Штип го качиле во автомобил БМВ со кој управувала осомничената девојка и сите заедно се упатиле кон Скопје. Кај наплатната станица Миладиновци на автопатот Штип-Скопје биле пресретнати и запрени од полициска патрола и се дале во бегство, но биле уапсени“, стои во соопштението од Јавното обвинителство Штип.

Министерот Тошковски уверува дека граѓаните се безбедни.

На барање на Обвинителството, судија на претходна постапка на петтемина им определи 30 дневен притвор, а осомничените се спроведени во затворот во Куманово.

Анита Димитријевска – Велковска