Генералка викенд

Се чистат зелените површини низ општините во земјава

10.05.2025 16:08

Ученици, волонтери, граѓани ги чистат зелените површини низ општините во земјава. Во Куманово акцијата се реализира по петти пат. Но, освен организирано има граѓани кои и сами покренале иницијатива и го разубавиле својот простор...

Почисто, позелено, поурбано, е мотото коешто ги водеше над стоте ученици, волонтери, екипи на јавното претпријатие „Чистота и зеленило“, кои се вклучија во акцијата „Генералка викенд“. Куманово во оваа акција учествува по петти пат.

Целта е да се крене свеста за собирање и рециклирање на отпад. Се уредуваа зелениот простор кај градскиот базен, спортската сала, објектот на градинката „Ангел Шајче“. Од „Чистота и Зеленило“ со апел, да ја чуваме животната средина, но и да не се уништуваат садовите за смет.

„На почетокот генералка беше исмејувана од страна на најголемиот дел од општините но денес го гледаме резултатот а резултатот е подигнување на свесноста на граѓаните да разберат дека животна средина зависи од нас самите и самите ја одржуваме чистота во нашиот град а првенствено сето тоа почнува од нашите дворови“, истакна директорот на ЈП Чистота и зеленило Куманово, Ненад Стојановски.

Но освен во акцијата, граѓани од поголемите станбени единици, самоиницијативно започнале да ги чистат комплексите. Има и такви коишто направиле свои катчиња.

Општина Куманово е меѓу првите општини, кои се вклучија во оваа акција на иницијатива на невладина организација. За прв пат беше организирана во 2021 година, а е поддржана од Министерството за животна средина и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, како и од „Национални шуми“.

 

Елена Георгиевска