Трамп објави дека Индија и Пакистан се договориле на примирје
Американскиот претседател Доналд Трамп објави дека Индија и Пакистан се договориле за „целосен и непосреден“ прекин на огнот. Најмалку 13 цивили загинаа во пакистанскиот дел на Кашмир во последните 12 часа по воените дејствија на Исламабад против Индија рано изутрината. Повредени се повеќе од 50-мина.

Пакистан и Индија се согласија на примирје. Трамп објави дека по долга ноќ разговори посредувани од САД, има целосен прекин на огнот меѓу Индија и Пакистан. Пакистанскиот министер за надворешни работи и потпретседател на владата ја потврди одлуката за примирје. Најмалку 13 цивили загинаа во пакистанскиот дел на Кашмир во последните 12 часа по воените дејствија на Исламабад против Индија рано изутрината. Повредени се повеќе од 50-мина. Во Индија, воени претставници изјавија дека пакистанските трупи ги нападнале нивните позиции преку ноќ со артилерија, минофрлачи и оган на повеќе локации. Тие рекоа дека индиските војници одговориле, предизвикувајќи жестока престрелка до раните зори.
„Синоќа одеднаш минофрлачка граната го погоди нашето село и ми ја уништи куќата. Ние сме сиромашни луѓе, што е наша вина? Ситуацијата е најлоша за нас. Немам засолниште за моите деца, куќата ми е целосно уништена. Сега каде да одам?“, изјави Гулзар Кан, татко на жена убиена во бомбардирање.
„Синоќа околу 7 часот, индиската армија почна неселективно гранатирање на локалното население. Поради тоа гранатирање, една жена од ова село беше убиена. Многу други куќи од ова село беа погодени од гранатирањето, а оваа област се евакуира“, изјави Актар Ајуб, спасувач.
Индија негира дека нападнала цивилни цели.
„Индија обезбеди минимална колатерална штета. Пакистан се обиде да спроведе континуирана злонамерна кампања за дезинформации со тврдења за уништување на индискиот систем с-400 во Адампур, уништување на аеродромите во Суратгар и Сирса, базата Брахмос во Нагрота, со големи штети на други воени станици, што се пропагира на социјалните медиуми. Индија недвосмислено ги отфрла овие лажни наративи што ги шири Пакистан“, изјави Вјомика Сингх, командант на крилото.
Напнатоста меѓу Индија и Пакистан, кои управуваат со делови од Кашмир, ескалира по воздушниот удар на Индија врз „терористичка инфраструктура“ на пакистанска територија. САД и други земји претходно повикаа двете земји да го деескалираат конфликтот.
Александра Спировска
