„Марш на ангелите“ во Кочани
И оваа сабота Кочани потона во молк. Долга поворка на блиски на настраданите го изоде Маршот на ангелите. Во прегратка со фотографии од загинатите и со транспаренти одлучија денес со молк да ги потсетат надлежните дека очекуваат правда …

„Инспекторите спиеја, нашите деца не се разбудија“, „Каде да фатам врски да ми се вратат другарите“. Ова се дел од пораките на петтиот „Марш за ангелите“ во Кочани. Велат нема потреба од зборови, очекуваат дела. Очекуваат непристрасна истрага, судење и санкции за сите кои на било каков начин придонеле за трагедијата на 16-ти март. Во досегашниот тек на истрагата опфатени се шеесетина правни и физички лица, во тек е сослушување на сведоци на настанот, изјави министерот за внатрешни работи.
Во собраниска процедура е Предлог закон за настраданите во Кочани. СДСМ како предлагач очекува поддршка од пратениците на ВМР- ДПМНЕ. Законот предвидува помош на семејствата на загинатите, помош на повредените, но и на настраданите во несреќите во Тетово, Ласкарци и Беса Транс. Од ВМРО-ДПМНЕ одговорија дека лицемерно е за правда и морал да говорат оние кои молчеа за Модуларната болница, Онкологија, Ласкарци и Беса транс.
Славица Величковска
