Се намалува бројот на патронажни сестри
Патронажната служба во здравствениот дом во Битола работи со 8 патронажни сестри, што е речиси половина од предвидениот број според систематизација. Во следните 5 години ќе се пензионираат 4 од нив. Податоците од Институтот за јавно здравје велат дека во 2023 бројот на патронажни сестри се намали на 258, и доколку не се преземат соодветни мерки, оваа бројка ќе биде уште помала. Од Унијата на медицински сестри велат решението е во нови национални програми, како и признавањето на образованието на медицинските сестри...

За два месеци откако една од патронажните сестри ќе замине во пензија, Поливалентната патронажна служба при ЈЗУ Д-р. Хаим Абраванел-Битола, ќе продолжи да работи со само 7 извршители, што е половина од предвидениот број за квалитетно работење на оваа служба, која покрива три општини и 70% од околните села. Во следните 5 години, ќе се пензионираат уште 3 со што во службата ќе останат само 4 патронажни сестри.
Слична е и состојбата во цела држава, бројот на патронажни сестри постојано се намалува, тоа се случува заради непризнавање на образованието при вработување односно неможноста систематизацијата да ги препознае, велат од Унијата на медицински сестри.
Зајакнувањето на патронажната служба е од особено значење за подобрување на здравјето на мајките и новороденчињата. Според Унијата решението е во носење национални стратешки програми, каде што акцент ќе се стави на образовните програми и доедукацијата.
Според последните податоци на Институтот за јавно здравје, бројот на патронажни сестри во 2023 се намали на 258. Доколку не се преземат соодветни мерки, овој трендот на намалување ќе продолжи и понатаму.
Александра Максимовска
