воен конфликт

Путин: Преговори со Украина на 15-ти мај

11.05.2025 13:43

Путин предложи обновување на директните преговори со Украина во Истанбул на 15-ти мај. Зеленски го оцени како позитивен знак тоа што Русија почнала да размислува за прекин на војната, но нагласи дека првиот чекор кон тоа е прекин на огнот од утре, 12 мај. Според Трамп – денот на почетокот на преговорите би бил потенцијално голем ден за Русија и Украина...

Рускиот претседател Владимир Путин предложи обновување на директните преговори со Украина во Истанбул на 15-ти мај, без предуслови. Понудата дојде како одговор на апелот на Украина и нејзините сојузници до Москва, да се обврзе на безусловно 30-дневно примирје од понеделник. Сега се водат воени дејствија, и ние предлагаме продолжување на преговорите, кои не беа прекинати од нас, изјави Путин. Посочи дека оние кои навистина сакаат мир не можат, а да не го поддржат ова.

„И покрај сè, предлагаме властите во Киев да ги продолжат преговорите што ги прекинаа на крајот од 2022-ра година. Да продолжат директните преговори, и, нагласувам, без никакви предуслови. Предлагаме да започнат без одложување следниот четврток, 15 мај, во Истанбул, каде што се одржаа претходно, а каде што беа прекинати. Покрај тоа, вистинско примирје, кое би го почитувала не само Русија, туку и украинската страна, би бил првиот чекор, повторувам, кон долгорочен, одржлив мир“, изјави Владимир Путин – претседател на Русија.

По предлогот на Путин за директни мировни преговори на 15-ти мај, се огласи и неговиот украински колега. Зеленски со став-позитивен знак е што Русија размислува за крај на војната. Рече дека е подготвен за средба за прекин на огнот.

„Целиот свет го чека ова многу долго. И првиот чекор во вистинскиот крај на секоја војна е прекин на огнот. Нема смисла да се продолжи со убиствата ниту за еден ден. Очекуваме Русија да потврди прекин на огнот – целосен, траен и сигурен – почнувајќи од утре, 12 мај, а Украина е подготвена да се сретне“, изјави Володимир Зеленски – претседател на Украина.

Макрон смета дека со предлогот, рускиот претседател се обидува да купи време, бидејќи за да се стигне до преговори е неопходно да има безусловен прекин на огнот. Американскиот претседател Доналд Трамп изрази надеж дека денот на почетокот на преговорите би бил потенцијално голем ден за Русија и Украина, и дека ќе продолжи да соработува со двете страни за да се случи мир.

„Помислете на стотиците илјади животи што ќе бидат спасени ако се надеваме дека ова бесконечно „крвопролевање“ ќе заврши. Тоа ќе биде сосема нов и многу подобар свет. Ќе продолжам да соработувам со двете страни за да се осигурам дека тоа ќе се случи. САД сакаат да се фокусираат на обнова и трговија“, објави Трамп на социјалните мрежи.

Германскиот канцелар Фридрих Мерц, францускиот претседател Емануел Макрон, британскиот премиер Кир Стар-Мер и полскиот премиер Доналд Туск, со поддршка од Белата куќа, од Киев, му поставија ултиматум на Путин и побараа да се согласи на 30-дневен прекин на огнот што би почнал в понеделник. Доколку одбие, рекоа тие, западните земји ќе испратат уште повеќе оружје во Украина и ќе воведат нови „масовни“ санкции врз Русија.

 

Наташа Гркова Петрушевска