Можна средба Путин - Зеленски во Истанбул?
Украинскиот претседател Зеленски е подготвен лично да разговара со рускиот претседател Путин в четврток во Истанбул. По интензивните дипломатски напори викендов, на потег е Русија. Се чека одговор од Москва и за предлогот од Велика Британија, Франција, Германија и Полска за 30 дневно примирје во Украина. Сепак, во текот на ноќта регистрирани нови руски напади...

Расте притисокот за ставање крај на тригодишната војна во Украина. Завојуваните страни долго време ја исклучуваа можноста за состанок, сега тој би можел да се случи во наредните денови. Откако Путин го повика Киев на преговори без предуслови на 15 мај, Зеленски порача дека е подготвен лично да се состане со шефот на Кремљ.
„Овој четврток на 15 мај ќе бидам во Турција и очекувам Путин да дојде, лично. И се надевам дека овој пат Путин нема да бара изговори зошто не може да стигне. Подготвени сме да разговараме, да ставиме крај на оваа војна. Четврток. Турција. Претседателот Трамп изрази поддршка. Сите лидери го поддржуваат ова“, Володимир Зеленски, претседател на Украина.
Најновите предлози за мировни разговори следуваат по интензивните дипломатски напори викендов. Во саботата беше упатен повик за 30-дневен прекин на огнот без предуслови почнувајќи од денеска. Барањето беше изнесено од лидерите на Велика Британија, Франција, Германија и Полска, кои при посетата на Киев, заедно со претседателот Зеленски му телефонира на претседателот Трамп.
„Рускиот претседател Путин не сака да има договор за прекин на огнот со Украина, туку сака да се сретне в четврток, во Турција, за да преговара за можен крај на крвопролевањето. Украина треба да се согласи на ова, ВЕДНАШ. Барем ќе можат да утврдат дали е можен договор или не, а ако не е, европските лидери и САД ќе знаат каде стои се и ќе можат да продолжат соодветно“, објава на американскиот претседател Трамп
Портпаролот на Кремљ во претходна изјави за американски медиум изрази сомнеж дека Украина се обидува да избега од преговорите.
„Мислевме дека претседателот Трамп ќе го искористи своето огромно влијание врз Украина за да ја доближи идејата за преговори. Украина се обидува да избега од преговорите!“, изјави Дмитриј Песков, портпарол на Кремљ.
На фронтот и натаму непроменета состојбата. Руските сили зазедоа населба во Доњацк, а десетици беспилотни летала беа истрелани во неколку региони.
Маријана Димовска
