трговија

САД и Кина постигнаа договор за намалување на трговските тарифи за 90 дена

12.05.2025 11:57

САД и Кина ја прикинуваат трговската војна. Состаноците во Женева меѓу американските и кинеските економски функционери вродија со плод. Договорија намалување на царините за 115 проценти за 90 дена...

На повидок крај на трговската војна меѓу двете најголеми светски економии. САД и Кина постигнаа договор за намалување на трговските тарифи за 90 дена. Американскиот министер за финансии објави дека двете страни ќе ги намалат царините за 115 проценти.

„Постигнавме договор за 90-дневна пауза и значително ги намаливме нивоата на царини. Двете страни ќе ги намалат реципрочните царини за 115 проценти. Имавме многу интензивни дискусии. Двете страни покажаа големо почитување. Тоа беше можност да се сретнам со кинеската делегација. Двете земји ги претставија своите национални интереси многу добро. Заклучивме дека имаме заеднички интерес. И во интерес на двете земји е да имаме балансирана трговија“, изјави Скот Бесент, министер за финансии на САД.

Моменталната американска царина за кинескиот увоз е 145 насто, додека Кина наплаќа 125 проценти за некои американски стоки. Договорот Вашингтон – Пекинг беше постигнат при разговорите на неутрален терен, во Женева.

„Средбата беше продуктивна и е важен прв чекор преземен од двете страни за соодветно решавање на нивните разлики преку рамноправен дијалог, а исто така и за премостување на разликите и продлабочување на соработката. Оваа средба ги постави темелите и создаде услови за тоа“, изјави Хе Лифенг, вицепремиер на Кина.

Состаноците во Женева беа првите директни интеракции меѓу високи американски и кинески економски функционери откако американскиот претседател Трамп се врати во Белата куќа и започна глобален царински бран, наметнувајќи најголеми давачки за Кина. Претходно трговски договор САД постигнаа со Велика Британија.

 

Маја Стојанова