Четврток - голем ден за Украина и Русија
Не мирува оружјето во Украина. Русија со нови напади и покрај ултиматумот за 30 дневно примирје од денеска. Зеленски уверува дека е подготвен лично да разговара со Путин в четврток во Истанбул. На потег е Русија. Брисел и Лондон со став, прво прекин на огнот па разговори за мир.

Украина ја обвини Русија дека со повеќе од 100 дронови нападнала неколку региони и покрај ултиматумот, Москва да прифати 30 – дневен прекин на огнот. Откако Путин го повика Киев на преговори без предуслови на 15 мај, Зеленски порача дека е подготвен лично да се состане со шефот на Кремљ.
„Овој четврток на 15 мај ќе бидам во Турција и очекувам Путин да дојде, лично. И се надевам дека овој пат Путин нема да бара изговори зошто не може да стигне. Подготвени сме да разговараме, да ставиме крај на оваа војна. Четврток. Турција. Претседателот Трамп изрази поддршка. Сите лидери го поддржуваат ова“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.
Викендов лидерите на Велика Британија, Франција, Германија и Полска при посетата на Киев, и телефонскиот разговор со шефот на Белата куќа побараа прекин на огнот, во спротивно се заканија со санкции и вооружување на Украина.
„За да се почне со какви било мировни преговори, мора да има прекин на огнот. Исто така, треба да видиме дека Русија го сака ова, да покаже добра волја, да седне и да разговара со Украинците. Мора да извршиме притисок врз Русија навистина да сака мир и да седне и да разговара со Украина“, изјави Каја Калас, шеф за надворешна и безбедносна политика на ЕУ.
„Ова е време кога Путин треба сериозно да го сфати мирот во Европа, прекинот на огнот и разговорите. Ние во Европа, секако, ќе се подготвиме за каков било мир, а тоа ќе биде суштински дел од нашите дискусии. Но, подеднакво мора да бидеме подготвени и ако ова не е момент на сериозност од Путин и не го добиеме тој мир“, изјави Дејвид Лами, министер за надворешни работи на Велика Британија.
Портпаролот на Кремљ во претходна изјави за американски медиум изрази сомнеж дека Украина сака преговори.
„Мислевме дека претседателот Трамп ќе го искористи своето огромно влијание врз Украина за да ја доближи идејата за преговори. Украина се обидува да избега од преговорите!“, изјави Дмитриј Песков, портпарол на Кремљ.
Во меѓувреме, од полското МНР објавија дека го затвораат рускиот конзулат во Краков откако пронајде докази дека Москва е одговорна за големиот пожар што речиси целосно уништи трговски центар во Варшава во мај 2024 година. Од руското МНР велат дека Полска намерно ги прекинува врските со Русија.
Маријана Димовска
