Фудбал (млади) – Квалификации за ЕП 2015
Македонија против Израел за потврда на талентот
13.08.2014 12:18
Иако со само пет фудбалери кои имаат настапи во овој циклус и без седуммина кои од различини причини не се во конкуренција за вечерниот натпревар, Македонија ќе се обиде да го избегне петтиот пораз...

Со дуелот против Израел, почнува градењето на новата генерација македонски млади фудбалери, но репрезентацијата за играчи до 21 година сепак ја има обврската за добар настап во претпоследниот дуел од осмата квалификациска група за Европското првенство. Иако со само пет фудбалери кои имаат настапи во овој циклус и без седуммина кои од различини причини не се во конкуренција за вечерниот натпревар, Македонија ќе се обиде да го избегне петтиот пораз и да не биде по седмипат последна во групата. На два меча до крајот на квалификациите, нашата млада репрезентација има ист број бодови - четири, како и Азарбејџан кој има и послаба гол разлика.
Императивот е врз Израелците што остава простор македонските јуниори да одиграат послободно и да покажат дека се талентирани. Гостите се во трка за едно од четирите втори места што обезбедуваат оплеј – оф, иако во моментов се на последната позиција на табелата од десет репрезентации, но и со најмалку одиграни мечеви – пет. Во клучниот натпревар, Израел во Скопје дојде без својот прв и вкупно трет стрелец во квалификациите, Мунас Дабур кој досега постигна седум гола, како и без уште четворица фудбалери кои играа во претходните пет дуели.
Досега само лидерот во нашата група Португалија со максимални шест триумфи и Англија, се селекциите што обезбедија бараж за Европскиот шампионат во Чешка наредната година.
Првата меѓусебна пресметка на младинските репрезентации на Македонија и на Израел на „Националната Арена Филип Втори“ ќе почне во 20 часот со пренос на МРТ собранискиот сервис.
