Тетово

Завршни зборови за пожарот во модуларната болница во Тетово, пресуда на 16 мај

12.05.2025 15:41

Во тетовскиот суд, завршни зборови за пожарот во модуларната болница. Откако апелација го врати предметот на повторно одлучување, по вторпат им се суди на поранешните директори на тетовската болница, Флорим Бесими и Артан Етеми, и на клиниката како правно лице. Пресуда на 16 мај...

За случајот „модуларна болница“ по вторпат им се суди на поранешните директори на тетовската болница Флорим Бесими и Артан Етеми како и на правното лице-Клиничка болница Тетово. Се товарат за тешки дела против општата сигурност. По завршните зборови се очекува да биде донесена втора пресуда. Според роднините на настраданите во пожарот со повторното судење не се бара одговорност за настанувањето на пожарот, туку за последиците кои ги предизвикал. Тие апелираат да се казнат виновните за да не се повторуваат дела во кои ќе страдаат невини луѓе.

„Нека ги остават настрана кабелот и ПП апаратите нека ја кажат вината на луѓето. Каде се тие. Овој пат судијата треба да е поостар зашто доколку тој само ја измине корупцијата и криминалот, ништо од тоа ќе нема. Ќе бидеме изгорени и вторпат и третпат и којзнае кој пат“, изјави роднина на настрадан.

„Сакаме само да излезе вистината на виделина. Мора да се посочи виновникот. Избило пожар и за тоа постои причина, не може да биде само едноставно така“, изјави друг родина на настрадан.

Пожарот во тетовската модуларна болница избувна на осми септември 2021 година, за неколку минути 14 ковид пациенти и нивни блиски го загубија животот. Во истрагата се вклучија и германски истражители, а беше констатирано дека пожарот го предизвикал продолжен кабел за струја на кој бил приклучен дефибрилатор и полнач за мобилен телефон. Ова е еден од случаите кој покрај автобуските несреќи кај Ласкарци и на патот Струма во Бугарија како и последната трагедија во дискотеката во Кочани во јавноста се поврзуваат со одговорност поради корупција и криминал.

 

Фиљана Кока