Замрзнатиот род ќе ги покачи финалните цени на овошјето
Годинава ќе јадеме изгор скапо овошје. Пролетниот мраз ги вивна цените угоре – освен црешите, поскапеа и праските и кајсиите. Ќе нема многу овошје ниту од увоз, оти и другите земји од регионот се соочија со слични временски неприлики...

Цените на овошјето се вивнаа до небо во пресрет на летото. Килограм цреши се продаваат од 1.000 до 1.300 денари, во зависност од каде се увезени. Нашиот род речиси и да го нема. Освен црешите, поскапеа и кајсиите и праските. Едни се продаваат по 655, другите по 559 за килограм.
Земјоделците велат, годинава тешко дека ќе има домашни праски, кајсии, цреши, овошје кое најмногу се одгледува во велешко-кавадаречко-неготинскиот регион. Пролетниот мраз и снег го уништиле родот од 80% до 100%.
Досега од земјоделците се пристигнати стотици пријави за штета.
Овоштарите предупредуваат дека нема да има овошје ниту од увоз, мраз и снег имаше и во регионот. Овошјето што ќе стигне во маркетите ќе се продава и по 1.300 денари, иако дел од овоштарите го продаваат по 200 денари на големо.
Само лани во Македонија најмногу овошје влегло од Албанија, 172.607 килограми, во вредност од дури 141.365 евра. Сме увезувале и од Бразил, Аргентина и Чиле, а кајсии, цреши, вишни, праски сме набавувале и од Брегот на Слоновата Коска. Кајсии сме внесувале од Албанија, Шпанија, Грција, Молдавија, Србија, Турција и Јужна Африка.
Борис Грујоски
