Украина

САД со ултиматум до Путин и Зеленски

13.05.2025 10:16

Времето истече, Москва не даде официјален одговор на предлогот за 30-дневно примирје, кое требаше да стапи на сила на полноќ на 12 мај. И покрај меѓународниот притисок од Кремљ изјавија дека ултиматумите се неприфатливи. Нејасно е кој од Москва ќе патува на преговори со Киев во Истанбул. Американскиот претседател е оптимист за исходот и најави дека можеби ќе присуствува на разговорите...

Ултиматумот на Европската Унија до рускиот претседател Путин истече, а Москва не даде официјален одговор на предлогот за безусловно 30-дневно примирје кое требаше да стапи на сила на полноќ на 12 мај.

„За жал, светот сè уште не доби јасен одговор од Русија на бројните предлози за прекин на огнот. Руското гранатирање и напади продолжуваат. Москва молчеше цел ден во врска со предлогот за директна средба. Многу чудна тишина. На еден или друг начин, Русија ќе мора да ја заврши оваа војна и колку побрзо, толку подобро“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.

И покрај меѓународниот притисок и најавените последици, од Кремљ изјавија дека ултиматумите се неприфатливи, а руската администрација е фокусирана на сериозна потрага по начини за постигнување долгорочно мирно решение. Предлогот на рускиот претседател Путин за продолжување на разговорите меѓу Русија и Украина без предуслови на 15 мај во Истанбул и натаму е на маса, но нејасно е кој од Москва ќе патува за Турција.

„Разговаравме за чекорите што би можеле да ги преземеме за да се стави крај на крвопролевањето. Ја поддржуваме волјата на мојот драг пријател Трамп за активно решавање на конфликтот преку дијалог и дипломатија“, изјави Реџеп Таип Ердоган, претседател на Турција.

Главните теми на потенцијалните преговори би можеле да го вклучат прашањето за територијалниот статус, контролата врз нуклеарната централа Запорожје, пристапот на Украина до Црно Море, вели специјалниот пратеник на Белата куќа, Стив Виткоф. Американскиот претседател е оптимист во врска со очекуваните разговори во Истанбул.

„Мислам дека можеби ќе имаме добар резултат од состанокот во четврток во Турција меѓу Русија и Украина. И верувам дека двајцата лидери ќе бидат таму. Не знам каде ќе бидам во четврток. Имам толку многу состаноци, но размислував всушност да одлетам таму. Постои можност за тоа“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.

Најавените директните разговори меѓу Киев и Москва би биле првите разговори од почетокот на војната во февруари 2022 година, кога се одржаа неколку состаноци, делумно во Турција, но тие не доведоа до мировен договор.

 

Маријана Димовска