Саемот на книга го урна рекордот на посетители
Над 65 издавачи на штандовите со книги организираа околу стотина промоции на дела од домашни и од странски автори, кои беа проследени со голем интерес од македонските читатели...

Саемот на книгата, чие 37. издание годинава се одржува од 8 до 14 мај, во арената „Борис Трајковски“ во Скопје, го урна рекордот на посетители. Над 65 издавачи на штандовите со книги организираа околу стотина промоции на дела од домашни и од странски автори, кои беа проследени со голем интерес од македонските читатели. Сепак, главна ѕвезда на ова издание беше германскиот писател на психолошки трилери, Себастијан Фицек, кој предизвика вистинска навалица кај своите македонски обожаватели, кои сакаа да поразговараат со него и да добијат потпис.
Како што велат од издавачката куќа „Сакам книги“, која годинава слави 15 години постоење и речиси 500 изданија, „Себастијан Фицек испиша книжевна историја со километарски редици, кои траеја речиси 7 часа“. Имено, Фицек во саботата, на 10 мај, во Македонија ги промовираше своите два најнови романа – „Девојката со свеќа“ и „Мимики“. Продажбата на билети, пак, во билетарницата, велат организаторите, била стопирана, нешто што Саемот не го памети. Саемот на книгата, кој се одржува под мотото „Храна за душата“, и овој пат покажа дека интернетот не успеал да ја намали желбата на читателот да ги допре страниците на делата напишани од неговите омилени автори.
