Бомбардирана болница во Појасот Газа, има загинати
Бомбардирана е болницата Насер во Кан Јунис, еден ден откако милитантната група Хамас реши да го ослободи израелскиот заложник со американско потекло, како чин на добра волја кон администрацијата на Трамп. Генералниот секретар на Обединетите нации, го поздрави ослободувањето на израелско-американскиот заложник од Газа и побара сеопфатен прекин на огнот. Шефот на Белата куќа е во турнеја на заливските земји оваа недела. Не е планирано да го посети Израел, ниту да разговара со Иран за нуклеарната програма на Техеран...

Израел продолжува со нападите во Појасот Газа. Бомбардирана е болницата Насер во Кан Јунис, еден ден откако милитантната група Хамас реши да го ослободи израелскиот заложник со американско потекло, како чин на добра волја кон администрацијата на Трамп. Израелскиот премиер Нетанјаху го поздрави ослободувањето и вети дека ќе стори се за враќање на преостанатите заложници.
„Ова беше постигнато благодарение на нашиот воен и политичкиот притисок што го направи претседателот Трамп. Разговарав со Трамп ми рече дека е посветен на состојбата на Израел, јас сум посветен на тесната соработка со него, се до постигнување на нашите воени цели да ги ослободиме заложниците и да го победиме Хамас“, изјави Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.
Од Обединетите нации ги повикаа двете страни да изнајдат решение за сеопфатен прекин на огнот во Појасот Газа и ослободување на сите израелски заложници.
„Генералниот секретар повторно повикува на итен прекин на огнот и итно и безусловно ослободување на сите преостанати заложници. Заложниците мора да се третираат хумано и достоинствено, тој ги повика сите страни веднаш да обезбедат брза, непречена и безбедна хуманитарна помош, вклучително и испорака за продукти за сите цивили на кои им е потребна“, изјави Стефан Дужарик – портпарол на генерален секретар на ООН.
Во меѓувреме, израелскиот премиер Нетанјаху одобри продолжување на преговорите во Доха, истакнувајќи дека Израел е посветен на рамковниот предлог на американскиот пратеник за блискиот исток Стив Виткоф. Американскиот претседател Трамп, пак, пристигна во Саудиска Арабија, како прва етапа од неговата турнеја на Блискиот Исток каде што со челниците на овие држави се очекува да разговара и за нуклеарната програма на Иран и завршувањето на војната во Газа.
Маја Стојанова
