Јаневска: Растат платите во образованието, инвестираме во инфраструктурата
Образовниот систем создава кадар каков што му е потребен на македонското стопанство, на индустријата, економијата, трговијата, па и администрацијата...

Образовниот систем создава кадар каков што му е потребен на македонското стопанство, на индустријата, економијата, трговијата, па и администрацијата. Но проблемот е друг, демографски. Лошите политики во изминатите години го намалија бројот на населението. За 7 години, бројот на ученици е намален за 17 илјади. Имаме 7 илјади студенти помалку. Не можат да се пополнат сите новосоздадени места или испразнети постојни. Ние како нова Влада се трудиме да го спречиме трендот на иселување и да го стимулираме наталитетот со квалитетни политики и мерки.
Ова го истакна министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска на панел дискусијата „Образование на иднината: градење лидери, мислители и иноватори“ во рамки на 14-от годишен Самит на Македонија 2025, одговарајќи на прашање дали образовниот систем продуцира кадар со потребни вештини и дали бизнис заедницата е доволно вклучена во образованието на младите.
Говорејќи за приоритетите на Владата кога е во прашање образованието, Јаневска рече дека три клучни столбови го детерминираат квалитетот на наставата: наставни програми и учебници, мотивиран наставен кадар и инфраструктура.
Потсети дека платите на наставниот кадар во два наврати за 10 месеци се зголемени вкупно за над 12%, додека согласно договорот со СОНК во текот на владиниот мандат ќе се зголемат до 60% во зависност од степенот на инфлација. Се воведуваат можности за кариерен развој и напредување во звања, како и за професионален развој преку повеќе обуки на различни теми. Платите во високото образование од јануари 2025 се зголемени за 14% на професорите и за 8% на административниот кадар.
Владата се труди да ги следи глобалните образовни трендови, повеќе да ги насочи младите кон етичка примена на вештачката интелигенција, развој на дигитални вештини, медиумска писменост, избор на СТЕМ области и слично.
Говорејќи за квалитетот во високото образование и науката, рече дека преку контроли на министерството и на Државниот просветен инспекторат биле затекнати фрапантни ситуации, поради кои 13 приватни научни институти се затворени, бидејќи во најголем дел не работеле по закон. Рече дека има приватни универзитети кои постојат како трговски претпријатија, штанцале дипломи години наназад и Владата им се спротивстави. Но, посочи и дека има приватни универзитети кои навистина добро работат.
