Кривичен Суд

12 години затвор за Васил Јованов, возачот кој ја прегази Фросина Кулакова

13.05.2025 16:02

12 години затвор за Васил Јованов, возачот кој ја прегази Фросина Kулакова на пешачки премин на „Партизанска“. Обвинителството задоволно од изречената казна. Семејството на Kулакова разочарано и најави жалба до повисокиот суд. Адвокатот на Јованов смета дека казната е превисока. До правосилност на пресудата тој ќе остане во притвор...

Бурни реакции по пресудата за возачот Васил Јованов кој ја усмрти 22-годишната Фросина Кулакова на Партизанска. Семејството на жртвата кое бара максимална, 20-годишна затворска казна, разочарано од одлуката, ќе бара правда пред повисоката судска инстанца.

Обвинителството задоволно од казната, но не ја исклучува можноста пред Апелација да бара построга.

Адвокатот на Јованов смета дека пресудата не се совпаѓа со праксата на судот за казнување на вакви и слични дела.

Јованов не ја научил лекцијата од своето претходно девијантно однесување, констатира судот. За поседување дрога е осуден на 3 години и десет месеци затвор, а циркулира и во евиденцијата на судот за серија сообраќајни прекршоци – возење пијан, поминување на црвено, без возачка.

Обвинетиот не се противеше да остане во притвор.

Сообраќајката се случи на 29-ти јануари. Обвинетиот возел пијан, со недозволена брзина, поминал на црвено, ја удрил Кулакова на пешачки, по што таа почина на самото место.

Анита Димитријевска – Велковска