Граѓаните мета на фишинг измами
Секторот за компјутерски криминал при Бирото за јавна безбедност на Министерството за внатрешни работи периодов констатираше зачестена појава на така наречени фишинг напади преку електронска пошта во која се злоупотребуваат имињата на повеќе македонски компании...

Во време кога живееме онлајн и сите податоци, фотографии, лозинки, имејл и банкарски сметки се таму, мораме да се заштитиме – дигиталната трансформација и вештачката интелигенција не смее да ги ставаме под тепих, туку да се разговара на овие теми, велат експерти, после масовните фишинг напади преку лажни електронски пораки на кои наседнале многу граѓани.
Граѓани велат дека честопати примаат електронски пораки со сомнителна содржина, но искуството од некој близок на кого веќе му се случила некаква измама ги поттикнува да ги избришат, без да ги отворат.
Во фишинг-пораката која се испраќа до граѓаните, лажно се тврди дека граѓанинот до кој е испратена, сторил повреда на авторски права. Пораките содржат линкови до наводна документација или барања за преземање на активности, со цел неовластено прибирање податоци.
Секторот за компјутерски криминал активно работи и води постапки во врска со ваквите измами, и апелираат до граѓаните да пријават во полиција, доколку примиле ваква порака или биле жртва на измама.
Александра Спировска
