воен конфликт

Средбата Зеленски-Путин неизвесна

13.05.2025 14:36

Очите на светот вперени во Путин. На два дена пред мировните преговори меѓу Киев и Москва во Турција, Кремљ и натаму одбива да каже дали шефот на Русија ќе отпатува за Истанбул. Од друга страна, Трамп дополнително го зголемува притисокот. Верува дека и двајцата лидери в четврток ќе седнат на маса. Турција подготвена да ги поддржи мировните преговори....

Бојана Крстевски

Само два дена до почетокот на мировните преговори во Турција, предложени од Русија, Кремљ сè уште одбива да потврди дали претседателот Путин ќе присуствува на разговорите. Оттаму не дадоа ниту официјален одговор на европскиот ултиматум за безусловното 30-дневно примирје кое требаше да стапи во сила денеска.

„Руската страна продолжува да се подготвува за разговорите што треба да се одржат во четврток. Тоа е, во суштина, сè. Засега не планираме да коментираме понатаму“, изјави Дмитриј Песков, портпарол на Кремљ.

Зеленски од друга страна цврст на ставот дека разговорите во Истанбул ќе ги води единствено со неговиот руски колега Путин.

„За жал, светот сè уште не доби јасен одговор од Русија на бројните предлози за прекин на огнот. Руското гранатирање и напади продолжуваат. Москва молчеше цел ден во врска со предлогот за директна средба. Многу чудна тишина. На еден или друг начин, Русија ќе мора да ја заврши оваа војна и колку побрзо, толку подобро“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.

Зголемувајќи го притисокот дополнително американскиот претседател Трамп верува дека и двајцата лидери ќе седнат на маса.

„Разговаравме за чекорите што би можеле да ги преземеме за да се стави крај на крвопролевањето. Ја поддржуваме волјата на мојот драг пријател Трамп за активно решавање на конфликтот преку дијалог и дипломатија“, изјави Реџеп Таип Ердоган, претседател на Турција“, изјави Реџеп Таип Ердоган, претседател на Турција.

Американскиот претседател е оптимист во врска со очекуваните разговори.

„Мислам дека можеби ќе имаме добар резултат од состанокот во четврток во Турција меѓу Русија и Украина. И верувам дека двајцата лидери ќе бидат таму. Не знам каде ќе бидам во четврток. Имам толку многу состаноци, но размислував всушност да одлетам таму. Постои можност за тоа“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.

Најавените директните разговори меѓу Киев и Москва се први од почетокот на војната во февруари 2022 година, кога се одржаа неколку состаноци, делумно во Турција, но тие не доведоа до мировен договор.

Бојана Крстевски