ДЗР: 22 општини не го исполнуваат стандардот за зеленило
Од 34 општини со седиште во град, 22 не го исполнуваат стандардот за зеленило – покажува извештајот на Државната ревизија. Само осум имаат важечки урбанистички план, повеќето работат со застарени и непостоечки планови. Граѓаните се жалат, не се дише од пренатрупаност. Екологистите велат-загрижува што повторно се менува Законот за градење...

Од 34 општини, 22 не го исполнуваат стандардот за зеленило од 25 метри квадратни по глава на жител – покажува извештајот на Државниот завод за ревизија. Масовната урбанизација, немањето годишни програми за урбано зеленило, неизрекувањето казни кон прекршителите – причини за ваквата поразителна состојба.
„Гуп-овите на 22 општини не го исполнуваат препорачаниот стандард за озеленетост од 25 м2 по глава на жител, а зелените површини кои се одржуваат и ново подигнатите зелени површини во корелација со бројот на жители согласно пописот од 2021 година укажува дека ниту една општина не го исполнува стандардот утврден во одредбите на член 19 од законот за урбано зеленило“, стои во соопштението од Државен завод за ревизија.
Само осум имаат важечки урбанистички план. Повеќето работат со застарени и непостоечки планови. Граѓаните се жалат не се дише од пренатрупаност.
„Во општините зеленило нема. И тоа што го има гледаат да го направат зграда“, рече жител.
„Мора да има дрвца за да дишиме воздух“, изјави друг.
„Мислам дека е доволно, само што не се одржува, не се коси тревата, не се наводнува“, рече жител.
„Зеленило немаме ништо, само за згради да се направат“, додаде друг.
Во иднина проблем ќе бидат климатските промени – предупредуваат екологистите. Особено загрижува што повторно се менува законот за градење, кој овозможуваше учество на јавноста.
„Јавноста мора да биде консултирана за најразлични проекти, особено непосредните соседи и граѓаните кои гравитираат во одредена област, дали тука е соодветно да се узурпира просторот за кафуле, ресторан или други угостителски објекти или истиот треба да биде со слободен проток за граѓаните“, изјави Марко Гучевски – Еко- свест
Изборот на урбанистички планови и проекти е извршен на нетранспарентен начин, без јавен повик и критериуми за избор, нотирано во извештајот.
Ревизорите предупредуваат дека немањето доволно зелени површини придонесува до зголемување на загадувањето и го намалува квалитетот на животна средина. Препорачуваат итни мерки за да се подобри животот во урбаните средини.
Андријана Ѓурческа
