УКРАИНА

Руски напади во пресрет на мировните преговори

14.05.2025 08:44

Додека сите чекаат одговор за прекин на огнот и директни преговори, Русија одговара со нови напади-Зеленски со осуда...

На ден пред мировните разговори Москва-Киев во Турција, нови руски напади врз енергетски објект во Харков. Додека сите чекаат одговор за прекин на огнот и директни преговори, Русија одговара со нови напади-Зеленски со осуда.

„Притисокот е неопходен за Москва да престане да мисли дека светот сè уште може да чека. Потребен е крај на војната – достоинствен и праведен. Русија опширно зборува за директни преговори, но кога ќе дојде до тоа, се крие. Путин одлучува за сè во Русија. Ова е негова војна, затоа преговорите мора да бидат со него“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.

Кремљ и натаму не потврдува дали Путин ќе седне на маса со украинскиот колега, но соопштија дека испраќаат руска делегација во Истанбул.

„Руската делегација ќе биде во Истанбул на 15 мај и очекува украинската страна да пристигне таму“, изјави Дмитриј Песков, портпарол на Кремљ.

Трамп останува оптимист за утрешната средба. Најави дека американскиот државен секретар Марко Рубио ќе присуствува разговорите.