Кошарка
Против Данците за мирно небо пред двете клучни гостувања
13.08.2014 13:55
Македонија е апсолутен фаворит во второто квалификациско коло за Еуробаскет 2015, но со истиот епитет и Белгија дојде во Скопје...

Данска. Противник по мерка, но и противник за предупредување. Македонија е апсолутен фаворит во второто квалификациско коло за Еуробаскет 2015, но со истиот епитет и Белгија дојде во Скопје. Нашите кошаркари се веќе два дена во Хорсенс, максимално мотивирани за мечот што треба да ја продолжи победничката низа, но истовремено мора да бидат внимателни, случајно славата да не им удри во главата.
Данска е најнекошаркарската земја во групата Д, со три учества на европските првенства, на почетокот на 50-те години од минатиот век... И толку! Тие таму играат кошарка, колку што ние тука играме крикет... Па сепак, резерва мора да постои. Не само за натпреварот вечерва од 19:30, што ќе го емитуваме на МТВ, туки и поради одржување на мобилната состојба пред мечот со Белорусите во третото коло и оној, што многу веројатно ќе решава за првата позиција во групата, на гости кај Белгијците.
Со Данците до сега не сме играле и нема да играме, освен во некој друг ваков сличен квалификациски циклус. За нив не знаеме ништо, но тие знаат за нас. Тагуваат затоа што Антиќ нема да игра и нема да гледаат НБА ѕвезда, а според извештаите од таму, се радуваат дека ќе го немало најдобриот. Но, не знаат што всушност ги чека. Доаѓа Македонија, полна со недоискажан квалитет и како никогаш желна за докажување.
