Украина

Напори за почеток на мировни преговори за Украина

14.05.2025 09:54

Светот одбројува до утрешната средба во Истанбул каде што треба да почнат преговорите за крај на војната во Украина. Зеленски повика на директни преговори со Путин, од Москва сè уште не потврдуваат дали во Турција ќе допатува и рускиот претседател. Трамп оптимист за старт на преговорите...

На ден пред мировните разговори меѓу Москва-Киев во Турција, нови руски напади врз енергетски објект во Харков. Додека сите чекаат одговор за прекин на огнот и директни преговори, Русија одговара со нови напади-Зеленски со осуда.

„Притисокот е неопходен за Москва да престане да мисли дека светот сè уште може да чека. Потребен е крај на војната – достоинствен и праведен. Русија опширно зборува за директни преговори, но кога ќе дојде до тоа, се крие. Путин одлучува за сè во Русија. Ова е негова војна, затоа преговорите мора да бидат со него“, изјави Володимир Зеленски – претседател на Украина.

Кремљ и натаму не потврдува дали Путин ќе седне на маса со украинскиот колега, но соопштија дека испраќаат руска делегација во Истанбул.

„Руската делегација ќе биде во Истанбул на 15 мај и очекува украинската страна да пристигне таму“, изјави Дмитриј Песков – портпарол на Кремљ.

Не сакаме да почнеме трета светска војна-изјави францускиот претседател Макрон. Додаде дека војната мора да заврши, а Украина мора да биде во најдобра можна позиција за да отпочне преговори. Вели-украинците се свесни дека не можат да ја вратат целата територија што ја зазеде Русија од 2014-та, но доколку Москва не се согласи со прекин на огнот, санкциите би можеле да бидат воведени во следните неколку дена.

„Прекинот на огнот е тоа што овозможува најдобра хуманитарна ситуација и почеток на разговори што ќе овозможат решавање на територијалните прашања. Тие сакаат прекинот на огнот да се дискутира во Турција. Доколку се потврди непочитувањето, ние сме решени да воведеме санкции во наредните денови, во договор со САД“, изјави Емануел Макрон -претседател на Франција.

Путин засега не потклекнува под зголемениот притисок од меѓународната заедница. Вели дека работите ги прават на сопствена штета.

„Нема да не заплашат овие нови можни санкции. Стравот не е опција. Кој и да почне да паничи, веднаш ќе изгуби сè. Тие прават многу работи на сопствена штета“, изјави Владимир Путин – претседател на Русија.

Трамп, пак, останува оптимист за утрешната средба. Најави дека американскиот државен секретар Марко Рубио ќе присуствува на разговорите кои според него би можеле да донесат добри резултати.

 

Бојана Крстевски