Секое трето дете живее во сиромаштија
На настан посветен на справување со детската сиромаштија и социјалната исклученост, Министерството за социјална политика, демографија и млади, со поддршка од УНИЦЕФ, ги претстави резултатите од анализата и препораките за политики за сеопфатен пакет на услуги кои треба да се разгледаат во рамки на Европската гаранција за децата во Северна Македонија...

Секое трето дете во земјава живее во сиромаштија.
Слика на една крстосница во центарот на Скопје. Млади деца, родители со деца, повозрасни. Независно од временските услови, денот го минуваат на улица, барајќи пари или храна од минувачите за да преживеат. Особено ранливи се Ромите, децата со еден родител и семејствата со три и повеќе деца.
Податоците за детската сиромаштија се алармантни, потребни се итни и ефективни мерки, признава министерот Лимани. Појаснува дека се работи на проширување на капацитетите за предучилишно образование за повеќе деца да имаат можност да посетуваат градинка и да не бидат на улица.
Една третина од децата живеат под националниот праг на сиромаштија, над 20 илјади деца немаат здравствено осигурување, само 9% од ромските деца и најсиромашните деца посетуваат градинки, 14 илјади не одат во основно училиште.
Над 22.000 деца низ целата земја не посетуваат задолжително средно образование.
Ана Јосифовска
