Следната недела ќе се знае кој ќе ги заземе испразнетите министерски места
Во периодот кој следи ќе номинираме нови имиња кои ќе ги заменат оние кои заминаа во прегратките на Али Ахмети и на ДУИ, вели премиерот Мицкоски, откако Таравари соопшти дека заминува од Владата. Од „Вреди“ очекуваат ресорот здравство да остане кај нив. ДУИ бара предвремени парламентарни избори.

Следната недела премиерот Мицкоски ќе разговара со неговите коалициски партнери од „Вреди“ кој да ги заземе испразнетите министерски места во неговиот кабинет откако Арбен Таравари со неговото крило од Алијанса за Албанците реши да ја напушти Владата. Бидете трпеливи, вели премиерот сè ќе биде појасно следната недела.
Меџити и Касами од „Вреди“ уверуваат дека владата е стабилна. Велат дека во фокус се граѓаните, а не да се помага на ДУИ. Сметаат дека ресорот здравство треба да остане кај нив.
Ниту СДСМ,ниту ДУИ не ја исклучуваат соработката со крилото на Таравари. Покрај познатиот став на ДУИ за изборите, сега и СДСМ вели дека се подготвени за предвремени парламентарни.
Во меѓувреме, во земјава пристигнува првиот човек на Европскиот совет Антонио Кошта кој е во посета на земјите од Западен Балкан. На состанокот со македонскиот премиер несомнено ќе стане збор и за проблемот со Бугарија.
Миле А. Ристески
