Европската комисија ги прекршила правилата за транспарентност, пресуди Европскиот суд на правдата за аферата „Фајзергејт“
Епилог на аферата позната како „Фајзергејт“. Европскиот суд на правдата пресуди, Европската комисија ги прекршила правилата за транспарентност во врска со текстуалните пораки на Фон дер Лајен за набавка на ковид-вакцините. Тече рокот од два месеца за жалба.Од Брисел велат дека остануваат посветени на отчетноста, а општиот суд не ја доведува во прашање политиката на комисијата...

Европскиот врховен суд ја поништи одлуката на Европската комисија со која му се забранува на весникот „Њујорк тајмс“ пристап до текстуалните пораки разменети меѓу претседателката Урсула фон дер Лајен и извршниот директор на „Фајзер“, Алберт Бурла. Во пресудата се вели дека извршната власт на ЕУ не успеала веродостојно да објасни зошто не ги поседува СМС-пораките во врска со милијарди долари вредниот договор за набавка на вакцини против коронавирус.
„Во случајот Матина Стеви и компанијата „Њујорк тајмс“ против Европската комисија, општиот суд со ова, прво, ја поништува одлуката од 15 ноември 2022 година, донесена согласно член 4 од Правилата за спроведување на Регулативата на Европскиот парламент и на Советот од 30 мај 2001 година, во врска со јавниот пристап до документите на Парламентот, Советот и Комисијата на ЕУ. Второ, ја задолжува Комисијата да ги плати трошоците“, изјави Марк Ван Дер Вуде, претседател на Европскиот суд на правдата.
Тече рокот од два месеца за жалба. Од Брисел велат дека остануваат посветени на отчетноста, а општиот суд не ја доведува во прашање политиката на комисијата. Според здруженијата за транспарентност и групите во Европскиот парламент кои работат на измените на Законот за регулирање на пристапот до документи, аферата „Фајзергејт“ е сериозен удар за Урсула фон дер Лајен, бидејќи таа лично го одобри најголемиот договор за вакцини во историјата на ЕУ.
„Транспарентноста отсекогаш била од најголема важност за Комисијата и претседателката Фон дер Лајен. Ќе продолжиме строго да се придржуваме до цврстата законска рамка што е во сила за спроведување на нашите обврски. Остануваме целосно посветени на одржување отвореност, отчетност и јасна комуникација со сите засегнати страни, вклучувајќи ги институциите на ЕУ, граѓанското општество и лобистите“, соопшти Европската комисија.
Во декември 2020 година, првите вакцини на „Фајзер“ беа пуштени во продажба во Обединетото Кралство, додека вакцините набавени од Комисијата не беа доволни за земјите членки. Во јануари 2021 година Брисел ја потврди ревизијата на договорот со „Фајзер“ за удвојување на бројот на дози за ЕУ. Двете страни се согласија да обезбедат до 1,8 милијарди дози вакцина против коронавирус, а договорот беше проценет на 35 милијарди евра.
Маријана Димовска
