Алергии

Пролетните температури ги разбудија алергиите

14.05.2025 16:06

Пролетните температури ги разбудија алергиите. Поради поленот сè поголем број граѓани се жалат на солзење на очите, кивавица, затнат нос, кашлица. Од година на година расте бројот на граѓани кои страдаат од алергии. Лекарите велат – една од причините е зголемената концентрација на полен во воздухот, но и аерозагадувањето …

Будењето на вегетацијата им создаде проблеми и на возрасните и на децата. Пролетните алергии ги полнат амбулантите – едни поминуваат со затнат нос, вцрвенети очи и грло, други имаат потешкотии со дишењето, поленот особено и ги погодува луѓето со астма. 15 деца со симптоми на алергиски реакции се лекуваат на детската клиника, зголемен е бројот и на амбулантски прегледи. Лекарите велат, важно е лекувањето да почне навреме, а оние кои се осетливи на поленот да земаат терапија уште на почетокот на сезоната.

„Еден дел од пациентите кои имаат докажани алергиски болести доаѓаат со симптоми на влошување на основната болест како што се децата со астма или опструктивни бронхити. Децата кои имаат склоност кон алергии би требало да избегнуваат престој надвор во период кога има ветер или каде што претходно се вршени интервенции како косење трева, сечење дрва бидејќи тогаш се зголемува концентрацијата на алергените“, изјави д-р Весна Мицевска, пулмолог во Клиниката за детски болести.

Иако алергиите се најизразени во овој период, присутни се во текот на целата година. Загадениот воздух дополнително ги иритира симптомите кај луѓето.

Алергиите добиваат епидемиски размери. Истражувањата покажуваат дека околу 25 проценти од светската популација страда од некоја алергиска болест.

Андријана Ѓурческа