Состанок на Советот за странски инвеститори
„Светските економии се насочени кон брз и динамичен развој, нема место за импровизација“ – заклучок на Советот на странски инвеститори. Велат – без дигитализација и вештачка интелигенција тешко до прогрес. Странските инвестиции во земјава надминале една милијарда евра, покажуваат анализите на народна банка...

Во време на турбуленции во глобалната трговија и финансиски текови нема место за импровизација, оти светските економии се насочени кон брз и динамичен развој. Ова е еден од заклучоците на панел-дискусијата на Советот на странски инвеститори во Македонија, од каде што велат дека без дигитализација и вештачка интелигенција тешко до прогрес.
Странските инвестиции во Македонија веќе надминале над една милијарда евра, покажуваат анализите на Народната банка.
Паралелно со досега реализираните инвестиции продолжуваат преговорите со околу десетина странски компании за реализација на нови директни инвестиции. Домашните стопанственици се со став дека Македонија останува привлечна дестинација за големите светски корпорации, кои размислуваат да ги прошират своите бизниси.
Странските директни инвестиции се едни од клучните кои овозможуваат брз раст и развој на економијата, кои придонесуваат за намалување на невработеноста. Владините политики за стабилизирање на економијата и за овозможување подобри услови за развој на бизнисот даваат резултати.
Целта на Владата е Македонија да биде земја со најголем број странски инвестиции по глава на жител во регионот, зашто само така ќе имаме поголем БДП.
Само лани, во 2024 година, вкупните директни инвестиции во земјава изнесуваа дури 1 милијарда и 255 милиони евра.
Борис Грујоски
