САД бара од Катар да го убеди Иран на договор
Катарскиот емир побара од САД да извршат притисок и да помогнат да се стави крај на крвопролевањето во Газа, во момент на продолжените мировни преговори и засилените израелски напади.

Обострани барања при посетата на Трамп во Катар, како продолжение на неговата турнеја во Заливот. Освен потпишаниот економски договор вреден милијарди долари, катарскиот емир побара од САД да извршат притисок и да помогнат да се стави крај на крвопролевањето во Газа, во момент на продолжените мировни преговори и засилените израелски напади. Од друга страна, Трамп го повика Катар да му помогне да го убеди Иран да се откаже од својата нуклеарна програма.
„Во моментов нашите тимови се ангажирани во интензивна дипломатија да обезбедат прекин на огнот во Газа. Вашето вклучување би можело да катализира пробив таму каде што другите се во застој. Ако дејствуваме заедно, имаме вистинска шанса да го запреме крвопролевањето“, изјави Тамим Ал Тани – емир на Катар.
„Се надевам дека можете да ми помогнете со ситуацијата со Иран. Да се справиме со нешто што можеби ќе спаси милиони животи. Бидејќи ваквите работи почнуваат и излегуваат од контрола, а за возврат, ќе направиме работи за вас за кои верувам ќе бидете многу среќни“, изјави Доналд Трамп – претседател на САД.
Иранскиот претседател Пезешкијан му одговори на Трамп-земјата нема да се поклони пред ниту еден насилник.
