Руско-украински конфликт

Во Истанбул директни разговори Русија – Украина за прекин на војната

15.05.2025 09:42

Во Истанбул, далеку од очите на јавноста, по три години, директни разговори меѓу Русија и Украина за прекин на војната. Зеленски дојде, но нема да учествува во разговорите, Путин не е на чело на руската делегација, не доаѓа ниту Трамп …

Мировни преговори во Турција без учество на Путин. Руската делегација во Истанбул ја предводи неговиот помошник Владимир Медински. Киев е подготвен да преговара во кој било формат за да се оконча војната – соопшти Зеленски. Од неговиот кабинет децидни – тој нема да разговара со руски претставници од пониско ниво.

„Подготвени сме за сите форми на преговори и не се плашиме од состаноци“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.

Трамп нема да се појави на преговарачката маса откако иницијаторот за директните преговори Путин одби да ја прифати поканата на Зеленски за средба на највисоко ниво. Американската делегација ја предводи државниот секретар Рубио, кој веќе пристигна во земјата. Според аналитичарите, фактот што Путин не се појави во Истанбул покажуваат дека тој не сака прекин на огнот, но не сака ниту да изгледа одговорен за продолжување на непријателствата.

„Путин, секако, не сака прекин на огнот, но ниту сака да изгледа како лицето одговорно за продолжување на непријателствата. Затоа постојано наоѓа нови начини да го убеди Трамп дека сè уште вреди да се продолжат преговорите. Но, апсолутно е јасно дека Путин не е заинтересиран за примирје, бидејќи неговите цели во војната не се постигнати“, изјави Федор Крашениников, независен аналитичар.

Шефот на НАТО-претпазлив оптимист за пробив во преговорите меѓу Москва и Киев.

„Украина е подготвена да се обврзе на прекин на огнот и итни преговори. Топката сега е во дворот на Русија. Тие мора да објаснат и гарантираат дека ќе ги направат следните неопходни чекори. Сè уште сум претпазливо оптимист дека би можеле да се постигнат некои пробиви во следните неколку недели“, изјави Марк Руте, Генералниот секретар на НАТО.

Во обид да го зголеми притисокот врз Москва да прифати примирје за Украина, Брисел воведе нов пакет санкции за Русија. Ова се први директни преговори меѓу Русија и Украина од почетокот на војната во 2022-та, кога се одржаа неколку состаноци, делумно во Турција, но тие не доведоа до мировен договор.

Бојана Крстевски