Меѓународен собир на тема „Јазикот во медиумите“
Медиумите силно дејствуваат во обликувањето на јазикот на една заедница. Но, колку самите внимаваат на јазикот што го користат, дали го негуваат мајчиниот македонски јазик, со какви предизвици се соочуваат?. Ова беше главната тема на 29. Меѓународен научен собир што го организираше Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“.

Мора да се внимава на правилната употреба на македонскиот јазик, не смее да дозволиме да се провлекуваат грешки, велат од Институтот „Крсте Мисирков“. Оттаму укажуваат дека повеќе нема школи за правилен изговор, иако, јазикот во медиумите е исклучително важен и влијае на развојот на стандардниот македонски јазик.
„Во зависност од тоа од кој крај на Македонија доаѓа новинарот, веднаш ќе го сетиме, не само ние, туку и сите што го следат медиумот, веднаш ќе забележат дека не го научил вокалниот и фонетскиот систем на македонскиот јазик. Има проблем и во изборот на дијалектна лексика, некои со себе си го носат товарот и од дијалектната лексика, а младите многу сакаат да бидат интересни во младинските емисии, со употреба на жаргон“, изјави Елена Јованова – Грујовска-Институт за македонски јазик.
Јазични грешки, дијалекти, англизми, турцизми, србизми – грешките се чести и тоа мора да се промени, зашто медиумите силно дејствуваат во обликувањето на јазикот на една заедница, велат од Институтот.
Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ одржа Меѓународен собир на тема „Јазикот во медиумите-состојби, предизвици и перспективи“.
Александра Спировска
