Преговори Русија - Украина без Путин и Зеленски
Преговорите меѓу Русија и Украина во Истанбул висат на конец. Шефот на Кремљ не е во делегацијата на Москва. Го нема Путин, го нема ниту Трамп. Ова треба да бидат први директни преговори меѓу двете страни по цели три години, и ја ставаат на тест подготвеноста на Русија и Украина за постигнат мир. Првиот човек на НАТО Руте дециден – на потег е Москва да го направи следниот чекор.

Мировни преговори во Турција без учество на Путин. Руската делегација во Истанбул ја предводи неговиот помошник Владимир Медински. Киев е подготвен да преговара во кој било формат за да се оконча војната – соопшти Зеленски, но нема да седне на маса со руските претставници.
„Руската делегација пристигна во Истанбул и е подготвена за сериозна работа“, изјави Марија Захарова, портпаролка на руското Министерство за надворешни работи.
„Нашата делегација е на највисоко ниво. Да се донесат какви било одлуки што би можеле да доведат до очекуваниот и праведен мир. Официјално не го знам нивото на Русите сè уште, но од она што го гледаме, повеќе личи на „декоративно“ ниво. Ќе размислиме што да правиме следно, какви ќе бидат нашите чекори. Мора да разбереме кое е нивото на руската делегација и каков мандат имаат, дали се способни сами да донесуваат какви било одлуки“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.
Американскиот државен секретар кој се придружува на преговорите, со јасен став-Трамп сака војната да заврши. Не постои воено решение за конфликтот меѓу Русија и Украина-подвлече Рубио.
„Претседателот на САД беше сосема јасен дека сака војната да заврши. Тој го прифаќа секој механизам што води кон праведен и траен мир. Тоа е она што сака да го види. Колку побрзо се постигне договор за завршување на конфликтот, толку помалку луѓе ќе умираат“, изјави Марко Рубио, државен секретар на САД.
Трамп соопшти дека нема да учествува на состанокот, откако иницијаторот за директните преговори Путин ја одби поканата на Зеленски. Според аналитичарите, фактот што Путин не се појави во Истанбул покажува дека тој не сака прекин на огнот, но не сака ниту да изгледа одговорен за продолжување на непријателствата.
„Путин, секако, не сака прекин на огнот, но ниту сака да изгледа како лицето одговорно за продолжување на непријателствата. Затоа постојано наоѓа нови начини да го убеди Трамп дека сè уште вреди да се продолжат преговорите. Но, апсолутно е јасно дека Путин не е заинтересиран за примирје, бидејќи неговите цели во војната не се постигнати“, изјави Федор Крашениников, независен аналитичар.
Паралелно со случувањата во Истанбул, во Анталија неформален состанок на НАТО. Оттаму скептични тонови за евентуалниот пробив во преговорите меѓу Москва и Киев.
„Украина е подготвена да се обврзе на прекин на огнот и итни преговори. Топката сега е во дворот на Русија. Сè уште сум претпазливо оптимист дека би можеле да се постигнат некои пробиви во следните неколку недели“, изјави Марк Руте, генералниот секретар на НАТО.
„Немаме многу големи очекувања. Не гледаме индикации за мир од руска страна. Но, дали можат да се донесат какви било одлуки, ќе видиме“, изјави Баиба Бразе, министерка за надворешни работи на Латвија.
Во обид да го зголеми притисокот врз Москва да прифати примирје за Украина, Брисел воведе нов пакет санкции за Русија. Ова се први директни преговори меѓу Русија и Украина од почетокот на војната во 2022-та, кога се одржаа неколку состаноци во Турција, но тие не доведоа до мировен договор.
Бојана Крстевски
