САД- Иран

Преговори за иранската нуклеарна програма

15.05.2025 14:26

Иран подготвен да се согласи на договор за нуклеарната програма во замена за укинување на економските санкции – сигнализира Техеран. Ова беше едно од прашањата за кои американскиот претседател Трамп разговараше со катарскиот емир Ал-Тани во Доха.

Плодна, пријателска и дипломатски прецизна турнеја во земјите од персискиот залив на американскиот претседател Доналд Трамп. Освен потпишаниот економски договор во вредност од милијарди долари, Трамп ја искористи посетата да побара од катарскиот емирот да го искористи своето влијание врз Иран во убедувањето да се откаже од својата брзорастечка нуклеарната програма. Од Иран пристигна експресен одговор. Побараа од САД укинување на економските санкции, во замена за потпишувањето договор за иранската нуклеарна програма. Се согласуваат целосно да се откажат од производството на нуклеарно оружје и да се ослободат од залихите на збогатен ураниум.

„Веројатно ја прочитавте приказната дека Иран е некако согласен со условите. Сакам да успеат. Искрено, сакам да завршат како одлична земја. Но, едно е јасно тие не можат да имаат нуклеарно оружје. Многу е едноставно, не се потребни 30 страници со детали од договорот, потребна е само една реченица. Тие не можат да имаат нуклеарно оружје“, изјави Доналд Трамп – претседател на САД.

Катарскиот емир Ал Тани, пак, побара од Трамп да помогне да се стави крај на крвопролевањето во Појасот Газа каде што Израел го обнови своите воени операции.

„Ако дејствуваме заедно, имаме реална шанса да се запре крвопролевањето и да се врати регионалната доверба.претседателе, вашето вклучување би можело да биде катализатор за пробив каде што другите затаија, но тоа може да се направи само со сериозни партнери. Катар ги носи конекциите, пристапот и кредибилитетот, но САД ја носат моќта, влијанието и глобалната тежина“, изјави Тамим Ал Тани - емир на Катар.

Со лидерите од арапските земји, американскиот претседател Трамп ги отвори прашањата за состојбата во Јемен и релациите со милитантната група Хути, а за Сирија вети укинување на американските санкции. Претходно, Трамп беше во посета на Саудиска Арабија и на Обединетите Арапски Емирати.

 

Маја Стојанова