Блокади, тензии, апсења пред основните судови во Нови Сад и Ниш меѓу студентите и опозицијата и полицијата
Тензично во Србија. Полицијата се судри со демонстрантите кои го блокираа влезот на судот во Нови Сад, како одговор за продолжениот притвор на активистите за уште 30 дена. Во турканиците кои настанаа во моментот кога силите на редот се обидоа да внесат дел од вработените во зградата, употребен е и солзавец. Демонстрантите бараат ослободување на шест активисти, кои два месеца се во притвор, а се гонат за уривање на уставниот поредок...

Граѓани, студенти и опозициски политичари се собраа утрово пред судот во Нови Сад, во знак на протест поради продолжувањето на притворот на активистите на Движењето на слободни граѓани и организацијата СТАВ. Полицијата во неколку наврати се обиде да ги потисне демонстрантите, беше фрлен и бибер спреј и дојде до туркање меѓу собраните граѓани и студентите со полицијата.
Тензично беше утринава и пред Основниот суд во Ниш каде студентите од синоќа ја блокираа зградата во знак на подршка на притворените активисти од Нови Сад. Дојде до туркање меѓу жандармеријата и студентите, по што беше уапсен воен ветеран кој ги штитеше студентите.
Една од притворените активисти, професорката Марија Васиќ, која штрајкува со глад од затворот во Нови Сад префрлена е во болница во Белград.
Претседателката на српскиот Парламент, Ана Брнабиќ изјави дека активистите во Нови Сад се приведени затоа што планирале „терористички акции, започнување граѓанска војна и загрозување на животот“ на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, и ги покани граѓаните да дојдат во Ниш на 17 мај за да го прослават заедништвото и да покажат дека слободната и пристојна Србија победила.
Од Белград за МТВ-Оливер Бранковиќ
