Култура

Синдикатите и Министерството за култура седнуваат на заедничка маса да бараат решение за колективниот договор

15.05.2025 15:11

Синдикатите и Министерството за култура седнуваат на заедничка маса да бараат решение за недореченостите во колективниот договор во овој сектор. Откако СОНК номинираше членови и СКРМ позитивно одговори на поканата на министерот Љутков за учество во работната група. Очекуваат конечно да се изнајде решение за долгогодишните проблеми со пресметката на платите во културата. Синдикалната претседателка Вера Атанасовска смета дека ова нема да биде процес кој ќе заврши брзо...

Синдикатите и Министерството за култура седнуваат на заедничка маса да бараат решение за колективниот договор. Откако СОНК номинираше членови и СКРМ позитивно одговори на поканата на министерот Љутков за учество во работната група. Синдикатот сака договор, но прво да види какво решение за проблемите нуди ресорот. Претседателката Атанасовска вели дека мартовската плата им е пониска за 3 проценти и оти ќе бидат принудени по судски пат да ја бараат правдата.

Министерот Љутков од друга страна во гостување на МТВ апелираше дијалогот да продолжи за да се елиминираат недореченостите во колективниот договор. Според него двата синдиката правеле различни пресметки на платата, па токму затоа е потребно работните групи што побрзо да почнат со работа.

Колективниот договор во културата беше донесен во 2019-та, но без согласност на министерството за финансии и неговата важност веќе две години е истечена. Токму тоа е причината зошто секоја година доцни мартовската плата во секторот култура, вели министерот Љутков.

Викторија Милевска