ДЗР

457 загинати во сообраќајни несреќи за четири години

15.05.2025 16:01

Државната ревизија откри алармантни податоци за бројот на сообраќајни несреќи. Последниот извештај за периодот 2020-2023 година покажува дека повеќе од 450 луѓе загинале во речиси 32 илјади сообраќајни несреќи. Мерките кои ги преземаат надлежните институции не се ефикасни...

Отсуство на национална стратегија, недоволно квалификуван кадар, нецелосна искористеност на потенцијалот што го нуди системот „Безбеден град“. Ова се дел од забелешките што ги нотира државниот ревизор во последниот извештај.

Јавни пари се трошат, а резултати нема – ревизорот со критика за институциите поради сè уште високиот број на жртви во сообраќајот. За три години 457 луѓе загинале во повеќе од 31 илјада сообраќајки. Црната статистика над европскиот просек.

„Целите од Националната стратегија за безбедност на сообраќајот на патиштата 2015 – 2020 година не се во целост остварени, а по истекување на периодот за имплементација на истата, не е донесена нова Национална стратегија за безбедност на сообраќајот. Отсуството на стратешки документи за развој и одржување на безбедноста на сообраќајот на патишта, со јасно дефинирани цели и мерки на краток, среден и долг рок, оневозможува надлежните институции во целост да ги разберат и преку своите стратегии и планови да ги имплементираат политиките на Владата“, стои во извештајот од државниот ревизор.

Експертите велат – потребно е заострување на казнената политика, подобрување на патната инфраструктура, но и формирање на Агенција за прашањата од безбедност во сообраќајот.

МВР годишно изрекува 250 илјади казни за пијани и несовесни возачи. Уверуваат дека со воведувањето на системот „Сејф сити“ кој треба да профункционира во јануари дополнително ќе се зголеми безбедноста на улиците.

Граѓаните признаваат дека сообраќајната култура е на ниско ниво.

Од Советот за безбедност во сообраќајот велат дека се подготвува координативно тело кое ќе ја донесе и следи имплементацијата на новата национална стратегија.

 

Анита Димитријевска-Велковска