Фрекфентни смени на министри во здравството
Арбен Таравари, Илир Демири, Фатмир Меџити, Беким Сали, Венко Филипче – како на филмска лента изминативе години се менуваа раководните луѓе во Министерството за здравство. Овој ресор, како по некое непишано правило го следат чести смени на раководните кадри. Ветувањата за промени и реформи доаѓаат и заминуваа, и така во круг.

Од независноста до сега во Министерството за здравство седнаа 18 министри, кој ќе биде 19-тиот останува да се договорат политичките партии.
Непишано правило е дека за напредок на една држава, потребни се два столба – образование и здравство. Првиот е климав, но вториот, кој треба да го одржува населението здраво, во помалку од три ипол децении со огромна леснотија го менува челникот. Од Перко Колевски во експертската влада до Арбен Таравари, владеењето на министрите било од два месеца до 7 години. Ова не би било голем проблем, доколку секој од нив не гледа различна визија за иднината на секторот. Познатиот микробиолог, д-р Никола Пановски, до пензионирањето памети 16, а за време на неговото три годишно директорување на Фондот за здравство, се смениле дури тројца министри – Реџеп Селмани, Владо Димов, и Имер Селмани.
Реформите не смеат да бидат идеја на еден ум, тие се болни и бараат време за да се спроведат а потоа и да се видат резултатите од нив, но кај нас министерската суета ги минира промените на претходникот, вели Менче Атанасова-Точи, новинарка која три децении го следи здравството.
Двајцата соговорници се согласни оти здравството е сериозен ресор, ги засега сите и не смее да биде паричка за порамнување на политичките интереси.
Наташа Јанчиќ-Менковски
